Стоилковски: Со потпис на Груби „отпишани“ 1.500 тони пченица и 500 тони јачмен!?

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, денеска излезе со „нови сомненија за милионска проневера со потпис на Груби“.



Тој покажа Службен весник од 2022 година со датум 14.06.2022 година каде е објавена Одлука на Влада потпишана од Артан Груби за отпис на 1.500 тони пченица и 500 тони јачмен за сточна храна под превезот заради загуби при складирање и одржување на квалитетот на пченицата и на јачменот.

„Никогаш до сега не се правел отпис на пченица и јачмен во толкава количина. Тоа отвора сомнежи дека можеби пченицата и јачменот завршиле на црниот пазар, а парите во нечиј приватен џеб, и сето тоа го дозволува Груби со негов потпис.

Тоа се пченица и јачмен купени со народни пари и отпишани од Артан Груби. Според моменталните цени на пченицата на новосадска берза, 1500 тони пченица чинат 500.000 евра, а 500 тони јачмен 150.000 евра. Буквално кажано со потпис на Груби, тој отпишал 650.000 евра како загуби при складирање, ова до сега не било случај, не се памети отпис на име загуби вреден половина милион евра.

Оттука се поставуваат две дилеми:

1. Доколку навистина станува збор за загуби. Што чекала владата, т.е. Агенцијата за стоковни резерви која стопанисува со стоковните резерви и зошто порано пченицата и јачменот не ги понудиле на продажба, па дури и со намален квалитет, државата нема да била во апсолутна загуба од 650.000 евра, туку во најмала рака ќе инкасирала 70 до 80% од таа цена?

2. Доколку се точни основаните соменија дека се работи за продажба на црно, тогаш постои ли милионски криминал со потпис на Груби. Груби треба да престане да бега од одговори, како што бега за дуќанот на брат му и бизнисите кои се вртат околу него, туку да каже, дали државата ја оштетил заради неспособност или криминал?

ЈО да не чека и да отвори истрага. 650.000 евра се отпишани со потпис на Артан Груби, одговорност мора да има“, порача Стоилковски.