Таравари криел дека ,,евтината” луксузна куќа ја купил за ,,ич пари” од функционер на ДУИ

Имотот во Тафталиџе што го стекнал лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, претходно бил во (ко)сопственост на бизнисменот Исмаил Јахоски, кој е поранешен градоначалник на Пласница и моментално е пратеник од редовите на ДУИ, покажува документацијата што ја обезбеди „Фокус“.



Куќата на Таравари влезе во собраниската расправа за избор на нови владини министри од редовите на Алијанса, откако Таравари постигна договор со СДСМ и ДУИ за да го засили парламентарното мнозинство. Притоа, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, отворено праша дали Таравари ја добил куќата на подарок?

,,Иако Таравари ни велеше дека нема информација дека имотот порано бил во сопственост на Јахоски или на членови на неговото семејство, официјалната документација потврдува дека тој купил имотот од пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски и од економист на семејната нафтена компанија „Пуцко Петрол“ Љупка Јахоска, која, како што веќе наведовме, моментално го поседува соседниот плац и објект.

Според анкетниот лист на Таравари, тој имотот го купил за 150 илјади евра, но се правдаше дека објектот не е во одлична кондиција, туку има доста за реновирање. Воедно, тој посочи дека за оваа цел земал банкарски кредит, додека опозицијата преку Николоски изрази сомнеж дали воопшто е реализирана ваква реакција. Во врска со оваа тема се обративме до првиот човек на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски, но не добивме одговор”, пишува Фокус во своето истражување.