По најновите податоци од Државниот завод за статистика, премиерот Димитар Ковачевски побрза да се пофали дека во декември 2022 година просечната плата била поголема за 14,8 проценти во однос на истиот месец 2021, иако поради инфлацијата таа реално е помала за 3,3 отсто.
„Порастот на платите е природен феномен, поради тоа што сè поскапува и нормално е платите да растат. Но, лани имавме инфлација која буквално ги изеде сите зголемувања, таа за цела година беше 14,2 проценти. Ако ја земеме просечната плата, ќе видиме дека е покачена за над 12 отсто, но во однос на инфлацијата е намалена за 2,2 отсто. Тоа значи дека куповната моќ на вработените е тотално ослабена. И порастот на минималната плата нема никако да го ублажи стандардот кај вработените“, реагира Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.






