Во разговорот за МКД.мк универзитетскиот професор по безбедносни науки Методи Хаџи Јанев вели дека заради остварување на одредени цели преку заканите се користат слабите сегменти на општеството.

На прашањето дали сепак станува збор за менување на тактиката, имајќи предвид дека вчера, во содржината на заканучката порака, наместо обраќање дека е поставена бомба во училишен објект, пишува дека е поставен динамит, а за разлика од претходно, заканите се однесуваат и на државни институции и со политичка порака дека власта треба да замине, професорот Хаџи Јанев вели дека станува збор за иста приказна независно од содржината.
„Всушност, треба да се фокусираме на тоа како да ги збиеме редовите и како да ги заштитиме системот и сите актери во општеството и тоа да стане резидентно на вакви напади. Треба да се запрашаме зошто шест месеци никој не направил протоколи за превенција и за безбедност, зошто не се утврдени постапки и стандардни процедури кои секој еден чинител во општеството треба да прави за да намали ефектот”, вели Хаџи Ханев.

Тој нагласува дека е факт оти и посилни општества не можат да се справат во целост со хибридните закани, но забележува дека во македонското општество проблемот е што не се преземаат мерки на клучните и одговорни места да бидат поставвени професионалци. Додека е така, додека на тие функции се доаѓа според партискиот клуч, ќе имаме големи проблеми, потенцира Хаџи Јанев.
„Земете го примерот со Фондот за здравствено осигурување. Дали некој ќе понесе одговорност што системот на ФЗО е хакиран? Па каде се директорите да се изјаснат за проблемот? Нели пред четири месеци ист вид на компјутерски напад ббеше извршен врз Бирото за јавни набавки? Веројатно беа платени определени средства кон хакерите за да се ослободат податоците или пак беа трајно загубени дел од податоците. Зошто не научивме нешто кога имавме веќе таква лекција? Што правиме со Центарот за управување со кризи, чиј еден дел е под Владата, односно во работењето учествуваат повеќе министерства и институции? Каде се мерките за превенција и за заштита? Зошто има луѓе кои примаат плата за тоа, а работата не се работи според денешни стандарди? Зошто се назначуваат за директори луѓе од политички партии, а не стручни лица, професионалци кои знаат како да ги постават системите за да бидат заштитени? Тука е клучот за безбедноста”, вели професорот.

Тој додава дека ќе има и натаму безбедносни закани и наплив од лажни информации, зашто хакерите нив можат да се испраќаат од која било точка на планетата. Вели дека ќе ги има и уште повеќе доколку заканувачите забележуваат дека нашето општество станува уште поранливо и ќе испраќаат дезинформирачки пораки дека зад заканите стојат политички фактори, партии, личности, опозиција…
Битен е одговорот од државата, нагласува Хаџи Јанев и илустрира дека одговортот е „таков каков што е” затоа што 30 години државата е партизирана.
„Размислете па кажете, колку луѓе од власта во изминатите три децении имале безбедносно искуство, кажете колку од нив отслужиле воен рок, кажете кој бил критериумот да се стане министер за одбрана, министер или директор за внатрешни работи, за Центарот за управување со кризи, да не набројувам понатаму редици институции. Партиската книшка ли била главниот критериум и лојалноста кон партијата и водачот? Значи, имаме ерозија на професионализмот во сите сфери. Темелите на државата така се нагризуваат”, вели Хаџи Јанев.
Целиот текст на следниот линк:





