Лончар: Владата мора да ги санкционира компаниите кои не ги намалија цените, а користат субвенции

Нема ефект од најавеното намалување на цените на основните прехранбени производи, Владата мора да ги санкционира компаниите кои не ги намалија цените и покрај тоа што користат субвенции за струја – вели претседателката на Организацијата на потрошувачи Маријана Лончар.



Оние компании кои и покрај владината помош не презеле мерки за намалување на последиците од кризата на грбот на граѓаните според Лончар треба да ги вратат парите и да се искористат за поефективни мерки.

Владата навистина треба да размисли за да се заштитат граѓаните, треба да направи нешто посериозно. Јас лично се изненадив кога рекоа дека ќе престанат да им даваат субвенции на компаниите. Не треба да престанат, треба да побараат да им ги вратат парите за субвенционираната струја и ние тоа го бараме. Да побараат, тие пари што ги дале, да им се вратат назад, како што даваа субвенции за фирмите па не завршија кај работниците. Со тие средства може да субвенционираат да имаме „зелена енергија“, нека субвенционираат за луѓето да имаат помали сметки за струја – рече Лончар Велкова.

Од ОПМ информираат дека секојдневно добиваат поплаки од граѓаните, можеби не конкретно за цените на храната или за сметките за струја, но се повеќе има револт од фактот дека една цена е на рафт, а друга на каса. Оосбено критики има за намалување на грамажата и тоа на пакуваните производи.

Тоа е двојно поскапување. Едно е преку цената, а другото е со намалената грамажа. Тоа е огромен проблем, кој не е локален. Трговците и производителите не треба да се грижат само за профитот и постојано да наоѓаат оправдувањата за растот на цените. Замрзнување на маржите не е решение, подобро беше плафонирањето на цените, иако и тогаш имаше нефер трговска пракса, па преку ноќ исчезнаа одредени производи – додава Лончар Велкова.

ОПМ организира колективно купување на инвертери

Од 22 февруари до 31 мај, ќе трае кампањата на ОМП за колективно купување инвертер клими, кои се тестирани и добро оценети од независна институција во ЕУ. Граѓаните ќе може да се регистрират на посебна платформа и ќе добијат понуда за купување на овие клими, а сето тоа е доброволно. Инаку во европски рамки биле тестирани педесеттина брендови на вакви клими, а кај нас 4 – колку што се достапни на пазарот.