Директорката на ФЗО излезе од „зимски сон“, по толку време пак не сакаше да зборува за откупот што го бараат хакерите

Магдалена Филиповска Грашкоска, генералната директорка на Фондот за здравство, денеска на одржаниот брифинг со новинарите рече дека не смее да изнесува детали за тоа колку пари бараат хакерите. Таа информираше дека е отворена истрага за случајот. Системот е вратен во функција откако беше подложен на хакерски напад пред нешто повеќе од две недели, а во меѓувреме проструи информација дека хакерите за да ги вратат податоците бараат 40 милиони евра во криптовалути.



– Не смеам да кажам дали некој ни побара откуп од страна на хакерите. Отворена е истрага и за ова не смеам да коментирам, рече Филиповска Грашкоска пред медиумите.

На прашањето зошто 14 дена никаде ја немало со изјава пред јавноста, рече дека во тие моменти макотрпно се работело на справување со проблемот.- Не бегав овие 14 дена, по цели денови работевме во Фоднот. Тоа беше масовна операција, гласеше оправдувањето на директорката.

Таа не сакаше да зборува за тоа дали некој ќе понесе одговорност и дали е платено за уцената да се стави системот во функција и додаде дека сосема е во ред другиот директор на ФЗО , Фатон Ахмети, да е на одмор

Фондот за здравство на денешниот брифинг со новинарите извести дека по хакерскиот напад, од вчера продолжила исплатата на обврските и парите легнале на сметка на здравствениот персонал, аптеките и добавувачите на јавните здравствени установи.

Финансискиот директор Миле Сугарев рече дека ФЗО во изминатиот период не седел со скрстени раце и дека цело време се работело на деблокада на системот по хакерскиот напад.

Филиповска Грашкоска рече дека целиот систем на ФЗО е на сервери, а допрва треба податоците да се пренасочат во заштитен клауд систем.

– Ние отворивме тендерска постапка за клауд систем и таа постапка заврши до 22 декември.  Во тој клауд простор треба да се префрли целиот систем, да се мигрира таму со податоците, бидејќи клауд системот е многу посовремен и побезбеден, изјави директорката.

Таа ги отфрли шпекулациите дека при мигрирање на податоците од серверите во клауд системот е направен сајбер нападот и нагласи дека допрва треба да започне оваа миграција.

Првиот човек на Фондот упати апел до граѓаните дека личните податоци на граѓаните се заштитени и дека нема да бидат злоупотребени.- Нападот беше насочен само кон виртуелните системи, додека податоците на граѓаните се чуваат во маскирана форма и не се читливи, осерн со виртуелна апликација. Значи нема одлив на податоците на граѓаните. Гарантирам дека податоците на граѓаните не се афектирани, посочи Филиповска Грашкоска.