Барлет Џафери, син на собранискиот спикер, Талат Џафери, за кого Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека незаконски полагал и положил правосуден испит пред да дипломира е дел од листата на завршени кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители и добива можност да биде избран за јавен обвинител.
Академијата за судии и јавни обвинители ја објави ранг листата со конечните резултати од полагањето на завршниот испит во Академијата за седмата генерација слуштатели. Финалниот испит го минале 57 кандидати. Дел од нив можат да станат судии, а дел имаат шанса да бидат јавни обвинители.
На ранг листата е и сопругата на новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, Албулена Абази. Таа е 51-ва на ранг листата и таа како и синот на спикерот Џафери ќе биде јавен обвинител.
Абази поради сопругата се повлече од Управниот одбор на Академијата каде беше предложен од Советот на јавни обвинители.
Меѓу имињата со звучни презимиња на листата на идни судии и обвинители се Биљана Смаќоска, ќерка на обвинителката од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Гордана Смаќоска, Драган Јосифоски син на обвинителката, Елизабета Јосифоска која беше во СЈО. Тој треба да биде судија како и сопругата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски.
На листата се и синот на судијата во Виш управен суд Субхи Јакупи, Илир Јакупи како и синот на судијата во Апелација, Енвер Беџети, Јетмир Беџети.






