Граѓанската платформа „Бугарско лето“ покрена иницијатива за поставување споменик на Васил Левски во Македонија, како дел од одбележувањето на 150-годишнината од смртта на „апостолот на слободата“, за да се „туширал штетниот македонизам“?!
„На ваква иницијатива мора да се пристапи не само решително, туку и крајно внимателно. Поставувањето споменик на Васил Левски во Република Северна Македонија мора нужно да биде придружено со објаснувачка кампања меѓу граѓаните на РСМ. Треба да им се објасни каква значајна фигура бил Васил Левски, како и покрај својата млада возраст развил исклучителна државничка визија. Визија во која има целосна слобода по нашата земја таму, каде што живее Бугаринот – во Бугарија, Тракија, Македонија… Само така Бугарија ќе може да постигне успех во туширањето на штетниот македонизам. И нека биде јасно – тој е штетен не само за нашата земја, туку и за Република Северна Македонија на патот кон Европа по кој тргна“, велат од платформата во отвореното писмо до институциите и до медиумите во Бугарија.
Левски (1837-1873) е револуционер, идеолог, стратег и теоретичар на бугарската национална револуција, водел борба за ослободување од турското ропство и за својата револуционерна дејност е обесен во Софија. Во летото 1872 година го основал и првиот таен комитет во Македонија, во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка.






