САД стапиле во контакт со Русија пред посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Киев за да избегнат какви било погрешни проценки кои би можеле да доведат до директна конфронтација меѓу двете нуклеарни сили, соопшти Белата куќа.
Белата куќа не сакаше да навлегува во детали, но наведе дека непосредно пред пристигнувањето на Бајден во Киев имало „основна комуникација со Русите“ за да се осигура дека нема да има конфликт, пренесува АП.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека целта на неговата посета на Киев е да ја потврди „цврстата и непоколеблива поддршка на Вашингтон за украинската демократија, суверенитет и територијален интегритет“.
„Кога Путин ја започна инвазијата пред речиси една година, мислеше дека Украина е слаба и дека Западот е поделен. Но, тој не беше во право“, рече Бајден во соопштението објавено од Белата куќа.
Бајден вети дополнителна американска помош од половина милијарда долари за Украина, за време на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
Во изјавата за новинарите, Бајден најави дека пакетот ќе вклучува воена опрема – артилериска муниција, хаубици и рачни противтенковски ракети…







