Рускиот опозиционер Михаил Ходорковски вели дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се обиде да го дестабилизира Балканот преку Србија.
„Путин поддржува радикали од секаков вид. Неговата цел е дестабилизација за да може да се позиционира како некој што управува со нестабилна ситуација. Ако војната продолжи, тој ќе се обиде да го дестабилизира Балканот, за да им го отежне животот на Европејците“, изјавил Ходорковски за виенскиот дневен весник „Стандард“.
Како што пренесува Б92, тој одговорил потврдно на прашањето дали тоа би го направил преку Србија.
„За среќа, Русите се идиоти. Тоа го пробаа во Црна Гора и ја оттурнаа таа земја од нив, го загубија своето влијание. Но, не може секогаш да сметате на фактот дека тие секогаш ќе бидат идиоти…
Но, десничарските партии се природни партнери на Путин. Тој го знае тоа. И бидејќи гласачите од радикалната десница обично го поддржуваат Путин, тие не ја губат поддршката ако Путин започне војна. Тоа треба внимателно да се следи“, објаснува Ходорковски
Тој посочи и дека Русија има огромно влијание и во Австрија.
„Со оглед на бројот на професионални убијци-спијачи, на Путин му е многу полесно да убие некого во Австрија отколку во која било друга европска земја“; објасни тој.






