Ѓурѓај: Софија се обидува да ги побугари Македонците од областа Гора, во Албанија и во Косово, но тие се нераскинлив дел од македонскиот народ!

„Од позиција на сила, практикувајќи уцени и ултиматуми, официјална Софија, поддржана од ЕУ, вклучувајќи и некои од членките на Унијата, користи европски инструменти на консензуалност и вето и на мала врата го протнува својот санстефански идеал. Некои радикални бугарски политичари, за Македонија и соседството, толку се осилени, што застапуваат и отворено националистички и шовинистички концепт за голема Бугарија!“ – се вели во анализата со наслов „Историски незаситен апетит за територија и асимилација“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Санстефански идеал затскриен зад проектот на Софија за поддршка на бугарските заедници надвор од границите на Бугарија

Покрај другото, во анализата пишува: Нашите соговорници анализираат дека во санстефанскиот контекст треба да се набљудува сегашната засилена бугарска опседнатост и меѓународен притисок за признавање на бугарските малцинства во регионов, односно, покрај во Македонија, тоа да се направи и во Албанија и во Косово. Бугарската државна политика за својот проект „Промоција и поддршка на бугарските заедници во регионот“ хегемонистички се стреми, со толерирање од Унијата, да прикаже колку е можно поголем број „освестени Бугари“ во регионов, заради остварување на своите историски тежнеења.

Последен пример е посетата бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Косово. Таа разговарала и со претставниците на т.н. бугарска заедница, кои „чекаат признавање на бугарското национално малцинство во Косово“. Според Бугарија, бугарската заедница во Косово има околу 15 илјади луѓе, кои живеат во општините Драгаш, Призрен, Ораховац и Штрпце. Но овие тврдења немаат историска подлога и, според нашите соговорници-историчари, тие тенденции повторно се насочени кон „претставување на Македонците од исламска вероисповед што живеат во Косово како Бугари“, односно кон нивна денационализација и асимилација.

Никола Ѓурѓај: Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ!

За овие активности, Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, истакнува дека Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда меѓу Македонците во областа Гора, во Албанија и во Косово, обидувајќи се да ги претстави како „Бугари“. Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ! Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугари ова македонско население се остваруваат со уцени и подведувања за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење бугарски пасоши, со стипендии за студирање на младите Македонци, вели Ѓурѓај.

„Цената на тие бугарски ‘услуги’ се сведуваат на потпишување изјава дека Македонците се Бугари и оти и нивните предци биле Бугари. Бидејќи сето ова го работи една земја-членка на Европската Унија пред очите на сите европски држави, македонскиот народ бара помош од албанската влада и од косовската влада. Македонците во Република Албанија никогаш не биле, ниту своеволно би биле „Бугари“ – нагласува Никола Ѓурѓај од македонското друштво „Илинден“ – Тирана.