Внесувањето на Бугарите во Уставот е за да се инсталира Бугарија повторно како окупатор во Македонија како и во 1941-1944

Пишува: м-р Свето Тоевски



Евроинтеграцискиот вицепремиер Бојан Маричиќ, кој нема поим ниту за македонска етничка припадност, ниту за македонски идентитет, се дрзнал на македонскиот народ да му зборува дека со уставните измени ќе се зајакнувал македонскиот идентитет! Тоа е служење на великобугарскиот шовинизам и на обидот повторно да се инсталира Бугарија како окупатор на ова преостанато парче од македонската територија, по нејзиното распарчување во 1913 година. Уставните измени се токму во таа функција: Бугарија со својот санстефански хегемонизам да се инсталира како окупатор во Република Македонија, исто и како што се обидуваше и во Втората светска војна од 1941 до 1944 година. Кога беше поразена во таа нејзина намера.

Бојан Маричиќ, како и сите други негови колеги „северни“ божем –„политичари“ и божем- „државници“, е во функција на великобугарскиот врховизам и новофашизам, кој се обидува, со „штедриот благослов“ на Европската унија да сотре се што носи етнички предзнак „македонско“. Тој е испаничен, бидејќи знае дека ниту ќе може да им го „заштити идентитетот на Македонците“ со уставните измени и оти му се ближи времето да лета од Владата и да одговара за се што сторил.

Историјата предупредува на започнатото сценарио за нова поделба на Македонија

Умните луѓе рекле дека „историјата е учителка на животот“, а поновата македонска историја нè учи нас, Македонците дека сега ова што се обидуваат да го направат Бугарите со барањето за промена на нашиот устав, во спрега и со Албанците, е обид да се повтори сценариото за поделба на Македонија, кое еднаш не успеа во Втората светска војна.

Историчарот д-р Тодор Чепреганов, кој е најповикан да нè потсети на поуките на историјата, како „учителка на Македонците“, во изјавата за анализата со наслов „Реорганизација на државата води кон нејзина дезинтеграција“, објавена на 14.2.2023 година во весникот „Нова Македонија“, е сосема директен: „Албанците ја користат бугарско-грчката спрега да се сојузат со нив. Сега се реализира спрегата Тирана – Софија – Атина. Поделбата што ја имаше во 1941 – 1944 година, Групчин, повторно се реализира меѓу Албанија и Бугарија. Сите три балкански држави посакуваат да се подели Македонија и да ги задоволат своите вековни територијални аспирации. Нашите политичари или слабо знаат, или не читале, за да видат дека историјата ни се повторува.

Како може вицепремиерот да знае дека „историјата ни се повторува“, кога тој ги чита само менијата во мензите и во хотелите, за да одбере со што да го наполни стомакот? Просторниот и временскиот видокруг на Маричиќ е тесно ограничен на денес-утре и на релацијата од неговиот кабинет во Владата до мензите и хотелите, кај што јаде на државна сметка. Ништо потаму од сегашноста да фрли поглед барем врз Народноослободителната борба во Втората светска војна. Тој се грижи само да ја одработи „домашната задача“ да ги протне „државотворните Бугари“ во Уставот, што им ја дале нему и на Ковачевски и Бујар Османи господарите од Софија.

На Бојан Маричиќ и на сите овие македонски политичари и на нивните врховистичко-новофашистички наредбодавци од Бугарија ќе им ја парафразирам легендарната реплика на македонскиот актер Митко Апостоловски од филмот „Трето полувреме“, толку замразен од Бугарите: „Името Македонија и македонскиот идентитет се свети, бе, мамето ваше!“

Претставниците на бугарската држава веќе шпартаат низ македонската држава, тие веќе се наоѓаат на македонската територија и се повеќе и повеќе се мешаат во внатрешните работи на оваа земја, засилувајќи ги своите ултиматуми и наредби, своите закани. Една од првите задачи на Владата на Македонија, што се навестува, според анкетите дека ќе ја формира ВМРО ДПМНЕ, ќе мора да биде и да се „затвори“ вратата на македонската територија за сите упади од хегемонистичка Софија, за сите навреди и апсурдни барања.

Не постои друг начин Македонија да се заштити од Бугарија, освен моментно поништување на „Бугарскиот договор“ со сите негови „преговарачки рамки“ и „француски предлози“, без никакви компромиси, без никакви премислувања и оддолжувања! Промените на Уставот се нешто незамисливо, а камоли да се направи! Потребно е моментно и да се расформира „Заедничката македонско-историска комисија! Бугарија, земјата-соработник со Адолф Хитлер и фашистичка Германија, да и ги пишува историските учебници на антифашистичка Македонија, која ја порази „татковината на чедата на Аспарух“ во Втората светска војна?! Да и се дозволува на Бугарија да ги присвојува Делчев, целата илинденска епопеја, царот Самуил, Охридската Архиепископија, светите македонски браќа Кирил и Методиј, нивниот ученик Македонецот Климе Охридски?!

„ЕУ треба да се распадне, па потоа да започне нејзината реинтеграција“

Но, што правиме со Европската Унија и со „интегрирањето на Македонија во неа“? Д-р Андреас Стаб, поранешен професор по европска интеграција на Лондонската школа за Економија и сегашен професор на Вашингтон универзитетот во Сент Луис во САД, како и основач и директор на Информативниот центар за европска политика со седиште во Лондон, во Англија, објави во 2021 година своја аналитичка студија со индикативен наслов „Крајот на Европа – петте дилеми на Европската унија“, во која изнесува серија согледувања, кои би требало да ги има предвид секоја политичка партија во Македонија кога станува збор за нејзината сега веќе „фантомска’ евроинтеграција.

Анализирајќи ги аргументите „за“ и „против“ за проширувањето на ЕУ, но и нејзиното постоење и натамошните перспективи, професорот Стаб констатира: „Темни облаци се надвиснаа на Европската Унија. Во ЕУ се зачестени пројавите на незадоволство од содржината на европскиот проект. Самото постоење на Европската Унија се наоѓа пред предизвик. Формирана е школа, струја на мислења, која повикува на демонтирање на целокупната структура на Европската унија. Клучен принцип на ова линија на аргументација е ќорсокакот во поглед на иднината на Европската унија. Таа е заробена меѓу амбицијата и воздржаноста. За да излезе од ‘мртвата точка’, во која се наоѓа, ЕУ треба да се распадне, пред да започне процесот на реинтеграцијата.“

Кога високи државници и политичари од самите земји-членки на ЕУ, не само многубројни политички експерти, зачестено предупредуваат дека Европската Унија се „лизга“ кон колапс, распад, кога и врвниот аналитичар Михаел Мартенс им советува на Македонците дека „европерспективата е мртва за нив, што и да сторат околу барањата на ЕУ“, тогаш зошто политичките партии во Македонија упорно продолжуваат со папагалската песна „Нема алтернатива за евроинтеграцијата?“

Тоа го користат обилно Бугарите. Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова во неочекувана посета на Скопје по средбата со претставници на „бугарската заедница во Македонија“ повторно се закани: „Ако не влезат Бугарите во македонскиот Устав, нема преговори за членство на државата во ЕУ.“ Идентична порака дека без уставни измени Македонија нема да исчекори на патот кон ЕУ упати претходно и бугарскиот претседател Румен Радев. Пат кон ЕУ, која чекори кон распад?! Пат кон ЕУ, која стои цврсто на страната на бугарските негирања на Македонија, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и историја?!

Се поголеми се изгледите за паѓање на оваа пробугарска Влада, колку и да се обидува Ковачевски да ја одржи во живот, внесувајќи ја и Алијансата за Албанците во неа. Но, треба да се стори се таа да биде урната најбргу, без натамошни изнесувања на сите мегаскандали, афери за украдени десеттици и стотици милиони евра, за сите велепредавства. Сите тие докази и факти нека бидат сочувани како кривични досиеја кој кога и колку ќе треба да одговара пред законите и правната држава. Поарно е да се распадне Владата, одошто да и се дозволи да продолжува да ја распаѓа Македонија!

„Македонска платформа“ за одбрана на нејзините државно-национални интереси

Што да се прави натаму? Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Имаме ли платформа?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“ на 18.2.2023 година, укажува на потребата да се конструира „Македонска платформа“ заради заштита на македонски државно-национални интереси. Боцевски првин пишува: „Резултатите од катастрофата наречена Преспански договор и од фијаското наречено предлог Ковачевски – Петков јасно укажува дека нема никакви платформи за преговорите, немало никакви идеја за што се преговара и што се брани, ниту имало претстава каде ќе биде Македонија како последица на нивните постапки. Затоа се потребни избори.“

Потоа Боцевски е категоричен: „Потребно е конечно да се обнови демократскиот мандат на македонските институции, па да се пристапи кон темелно преобмислување на македонската надворешна политика, усвојување нови резолуции и нови платформи низ демократска постапка и борба за враќање на разнишаните позиции на македонската држава. Собранието мора да формира и анкетни комисии, што ќе ги испитаат сите детали околу Преспанскиот договор и предлогот Ковачевски – Петков, како и за она безглаво јурење да се потпише Договорот за добрососедство.“

Овде ќе се надоврзам кон Боцевски со свој став за нешто, што ќе мора неостапно да го сторат новата Влада, Парламентот и надлежните државни институции: моментно поништување не само на „Бугарскиот договор“, туку и на „Преспанскиот договор“. Ортомата околу вратот на Македонците и на иднината на Македонија е направена и од „санстефански“ и од „преспански материјал“. Анкетите покажуваат дека дури 81 проценти од поддржувачите на СДСМ ја гледаат Бугарија како најголема закана за Македонија. А што да се каже севкупно за огромното мнозинство од македонската нација, кои се против зачленувањето во ЕУ и кои бараат враќање на името Македонија и бришење на „северна?“

Еве ги реалните основи да се пристапи кон создавање на „Македонската платформа“ и да се повика на обединување на македонскиот народ. Таква „Македонска платформа“ во ниеден случај нема да може да ја игнорираат и да ја поттиснат ни Урсула Лаен, никој европски емисар, кој било претседател на европска и друга држава во светот.