АСОМ реагира: Упад во наметнати давачки за време на траење на лиценцата е противуставно!

Измените во законот за игри на среќа во делот на издавање лиценци може да им предизвикаат сериозни проблеми на приредувачите, бидејќи тие ги изработиле своите пресметки и финансиски планови и каков било упад во наметнати давачки за време на траењето на лиценцата е противуставно и надвор од секоја логика и европска пракса, потенцираат од Асоцијацијата на спортски обложувалници во Македонија (АСОМ).



– Најостро ќе реагираме на евентуални предлози и измени во Законот кои, согласно со нашите искуства од претходните законски решенија, имаат можност да задираат во веќе постојните лиценци. Доколку се применат, со сигурност значат згаснување на една цела легална гранка со 10 илјади вработени и цут на сивата економија – велат од АСОМ.

Од Асоцијацијата предупредуваат дека промените може да имплицираат правни постапки за оштета и заштита на правата на приредувачите, кои работат според лиценци со однапред поставени услови. Тие нагласуваат дека секоја промена во Законот, особено во делот на финансиските импликации, мора да започнува со истекот на старата лиценца, односно со почетокот на новата лиценца. Како неприфатливи ги карактеризираат и најавите за зголемени давачки.

– Категорично одбиваме да прифатиме и промени и решенија каде што посебните давачки и надоместоци се зголемуваат енормно и несразмерно, а со тоа и директно се рефлектираат на економската одржливост на нашиот бизнис. Согласно со објавените информации, со новите законски измени се зголемува надоместокот за издавање лиценца за обложувалница на 200.000 евра, додека за секое следно уплатно-исплатно место, приредувачот плаќа надоместок во износ од 10.000 евра – велат од АСОМ.

Во предложените измени, исто така, се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца приредува еден вид игра на среќа, што сериозно ја отежнува работата на индустријата. Од АСОМ предупредуваат дека најавените законски регулативи значат враќање во деведесеттите, и дивите игри на среќа организирани по подруми и нелегални објекти ќе бидат секојдневие. Со згаснување на индустријата на игри на среќа, сериозна штета ќе претрпи и државната каса, односно ќе остане без 250 милиони евра годишно во буџетот.