
Анета Пешева од МАСИТ побара од властите да се промени Законот за јавни набавки, за во иднина институциите соодветно да ги заштитат своите системи од хакерски напади, откако финансиското работење на Фондот за здравствено опсигурување месецов остана блокирано.
„Додека не се обрне сериозно внимание на домашните IT компании кои можат многу да помогнат во ситуации какви што се случија во ФЗО, никому нема да му е јасно колку сме важни. Законот за јавни набавки е ист, та дали купуваш компири или сериозен софтвер за институции.
Ваквите сериозни напади треба однапред да бидат земени во предвид и системите да имаат перманентно одржување, со секојдневен задолжителен “backup” на податоците на две локации. Ако треба рачно да се внесуваат одново при вакви хакерски напади, фрлете му пепел на таков систем“, реагира попладнево Пешева.
Од ФЗО тврдат дека нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот.
Од Фондот посочија дека постепено се враќаат функциите на системот, а по добивањето на податоците од ЈЗУ, како што велат, веќе од наредната недела се очекува и исплата на платите на здравствените работници.





