По одобрени околу десетина проекти како стратешки инвестиции во земјава, на веб страницата на Владата веќе не може да се види јавниот оглас за пријавување на потенцијални стратешки инвеститори.
Се до крајот на јануари, пак, на владината веб страница цело време можеше да се забележи огласот за пријавување за стратешки инвестиции, и тоа неколку години наназад. Практично, огласите траеја се до 31 јануари во одредена година, а потоа веднаш се распишуваше нов оглас, кој продолжуваше да важи се до наредниот 31 јануари.
Притоа, треба да се напомене дека за статусот стратешки инвеститор може да конкурираат само финансиски моќни проекти, за кои, пак, државата треба да обезбеди своевидна „брза лента“ за реализација на нивните инвестиции.
Така на пример во февруари лани Владата уште на стартот на месецот објави повик за стратешки инвеститори, за кој беше најавено дека ќе трае до 31 јануари оваа година. Токму тогаш од Владата објаснија дека тој јавен повик е постојано отворен, што значи дека не завршува, туку цело време е во тек, а крајниот датум е ставен само со цел да се запази правната рамка која е неопходна при објавување на јавни повици.
„Тука не станува збор за класичен јавен повик како кај тендерите, да биде со краен рок после кој нема пријавување, туку тоа е јавен повик кој е постојано отворен. И кога една компанија ќе поднесе барање за утврдување статус на стратешки инвестициски проект, тоа не значи класично пријавување, туку таа искажува интерес, по што има бројни прашања и од двете страни за најразлични нејаснотии и детали околу самиот проект, за тоа какви документи се потребни и се останато. Односно, станува збор за големи проекти, на милионски суми, а постојат и бројни услови, и затоа треба сите детали убаво да се прецизираат, пред некој да го добие овој статус“, објаснија тогаш од Владата.
Но, за разлика од лани кога нов оглас веднаш беше распишан, во моментов на владината веб страница таков оглас не постои. Фактор ја праша Владата зошто огласите ги нема, за разлика од претходните години.
Линк до целата анализа.






