Милијардерот Џорџ Сорос предвидува дека ако Русија биде поразена во војната во Украина, тоа ќе резултира со колапс на она што тој го нарече „Руска империја“, што според него ќе биде добредојдено за поранешните советски републики, пренесува Ројтерс.



Сорос вели дека САД ќе ја поддржат Украина, но дека претседателот Џо Бајден го предупредил Володимир Зеленски дека има ограничувања и дека Третата светска војна мора да се избегне.

Сорос не го откри изворот на својата информација, јавуваат агенциите.

„Земјите од поранешниот Советски Сојуз едвај чекаат да ги видат Русите поразени во Украина, бидејќи сакаат да ја потврдат својата независност“, рече Сорос на конференцијата за безбедност во Минхен, според текстот на неговиот говор објавен од неговиот кабинет.

„Ова значи дека победата на Украина би резултирала со колапс на Руската империја. Русија повеќе нема да претставува закана за Европа и светот. Тоа би било голема промена на подобро“.

По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, нуклеарната суперсила се подели на 15 независни републики, иако Русија останува убедливо најмоќната од нив и сопственик на најголемиот нуклеарен арсенал во светот.

Путин тврди дека војната во Украина е егзистенцијална битка со агресивниот и арогантен Запад, нагласувајќи дека Русија ќе ги искористи сите расположливи средства за да се заштити себеси и својот народ од каков било напад.

САД ги негираат тврдењата на Кремљ дека сака да ја уништи Русија, најголемиот светски производител на енергија.