И ЕБРД ја намали прогнозата за растот на македонската економија годинава на 2 отсто

По Светската банка, и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) ја намали прогнозата за растот на македонската економија во 2023 година од 2,3 проценти, дадена во септември, на 2 отсто.



Во средината на јануари Светската банка соопшти дека очекува бруто домашниот производ (БДП) на Македонија да се зголеми за 2,4 отсто во 2023 година, што е за 0,7 процентни поени под проценката што Банката ја направи во јуни минатата година.

Во 2024 година македонскиот БДП се предвидува да порасне за 3 проценти, соопшти ЕБРД во ажурирањето на својот извештај за регионалните економски перспективи.

Економијата на Македонија се проценува дека пораснала за 2,5 отсто во 2022 година, откако се зголеми за 4 отсто во 2021 година.

ЕБРД очекува економскиот раст на регионот на Западен Балкан да забави до 2,2 проценти во 2023 година од проценетата стапка од 3 отсто во 2022 година, поради слабата надворешна побарувачка, постојано високата инфлација и позаострените услови за финансирање. Економскиот раст за регионот во 2024 година е проектиран на 3,4 отсто.