„Сите имаа време да ги усогласат имињата согласно новиот Закон. Тие кои го направиле тоа, ќе продолжат да работат, другите нема“, изјави премиерот Димитар Ковачевски денеска кога истекува законскиот рок во кој двата бугарски клубови, „Цар Борис Трети“ во Охрид и „Ванчо Михајлов“ во Битола, требаше да поднесат барање за промена на имињата.



„Еден клуб, како што разбрав, поднел барање до Централен регистар за промена на името. Штом тоа ќе го направат, ќе продолжат со работа, бидејќи културните клубови треба да бидат места кои ги зближуваат граѓаните, а не да бидат места коишто со своите имиња или на друг начин будат негативни чувства и ги разединуваат граѓаните и народите во соседството. Законот во целост ќе биде спроведен како и сите други закони“, рече премиерот потсетувајќи на изменетиот Закон за здруженија и фондации кој е изгласан со апсолутно мнозинство во Собранието.

Здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид поднело барање до Централниот регистар за промена на името, но од Културниот центар „Ванчо Михајлов“ од Битола, не и оттаму најавија дека ќе поднесат жалба до Судот во Стразбур.