Владата на СДСМ и ДУИ на Македонија и го приреди најголемото понижување и срам на меѓународните финансиски пазари. Откажана е еврообврзницата на износ од 600 милиони евра со причина која е неразбирлива за финансискиот свет. Во исто време Владата на СДСМ и ДУИ им покажува на инвеститорите колку се несериозни и на тој начин Македонија го зголемува својот репутациски ризик за сега и за во иднина, изјави Гордана Димитриеска Кочоска потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа посочи дека велата ситуација може да се гледа од две страни.
– Првата, зошто министерот за правда не ги потпишал документите поради кои се откажа еврообврзницата. Дали тој има некакви информации дека парите ќе бидат злоупотребени или пак причината е лична одмазда заради неговата промена? Или е нешто трето? Од друга страна зошто владата дозволи да се издаде еврообврзница во период кога се спремале промени на министри. Ова јасно покажува дека желбата да се задржи власта е огромна, па дури и по цена да се уништи државата. Сега разговараат за нови министри, нови коалициони партнери ама без пари ја оставија државата и во исто време и ја уништија иднината. Сега таа иднина е многу понеизвесна, и ќе не чини многу поскапо, истакна Димитриеска Кочоска.
Според неа ова се сериозни работи кои што ги работат аматери, непознавачи на проблематиката. И не е прв пат да се срамиме пред меѓународните финансиски институции.
– Еднаш кога ги пишуваа оние познати писма во кои велеа дека сме презадолжени и денес кога навистина сме презадолжени и кога треба инвеститорите да имаат поголема доверба во владата тие повторно прават грешка која скапо ќе не чини. Два пати на штета на граѓаните. Следното издавање на еврообврзница веќе е многу ризично како од аспект на тоа дали ќе има интерес после ваквото промашување и доколку го има која ќе биде цената која ќе ја платиме, а секако ќе биде повисока отколку денес. Затоа што со ваквото однесување Владата испрати сигнали за нестабилност, неизвесност, а тоа ќе резултира со повисоки каматни стапки, нагласи таа.
Додаде дека и она што е клучно, кој е одговорен за сето ова?
– Издавањето на еврообврзница е премногу скапа работа за Македонија. Ангажирани беа четири меѓународни финансиски институции кои наплаќаат високи провизии. Провизиите ќе бидат наплатени иако постапката не е завршена до крај. За повторување на истата постапка повторно ќе се плаќаат огромни провизии. Дали е тоа целта? Немаме за лекови ама ќе покриваме трошоци заради неодговорни и незрели политички одлуки, потенцира таа.
Димитриеска Кочоска нагласи дека СДСМ и ДУИ го срушија меѓународниот углед на Македонија пред странските инвеститори. Нешто што се гради макотрпно и со години, се сруши за еден миг.
– После ова Владата треба да си поднесе оставка веднаш, истакна потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.





