Конфискацијата на приватен руски имот ќе го поткопа швајцарскиот устав и преовладувачкиот правен поредок, соопшти вчера швајцарската влада.
Швајцарија замрзна средства во вредност од 7,5 милијарди швајцарски франци како дел од санкциите против Русија за да ја казни Москва за нејзиниот напад врз Украина, објави во декември Државниот секретаријат за економски прашања, јавува Ројтерс.
Но, конфискацијата на замрзнатиот приватен имот не е во согласност со федералниот устав и важечкиот правен поредок и ги нарушува меѓународните обврски на Швајцарија, соопшти швајцарското Министерство за правда. Другите земји имаат слични уставни права и гаранции, се додава во соопштението.
Против конфискацијата беа и швајцарските банки. Денеска нема правна основа за конфискација, соопшти минатиот месец швајцарското здружение на банкари.






