Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) денеска треба да треба да ја соопшти одлуката за дадената па повлечена аболиција од страна на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов. 



Експертите со внимание ја следат одлуката, со која судот треба да пресуди дали има повреда или не со укинувањето на аболицијата и, според нив, од оваа одлука ќе зависат понатамошните обврски на државата и како тоа ќе се отслика на целокупната политичка ситуација во земјата.

Предметот во Судот се води како „Талески и други против Северна Македонија“. Во објавата на судот во Стразбур се наведува дека подносители на жалбата се седуммина македонски државјани.

„Тие беа осудени за наводни криминални дејства што се однесуваат на/и произлегуваат од содржината на незаконското прислушување. Тие добија аболиција од претседателот која што подоцна беше поништена. По поништувањето на аболицијата тие беа осудени“, наведува судот во објавата на веб-страницата на ЕСЧП.

Зад апликацијата всушност стојат Никола Груевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски и други, коишто беа опфатени со аболицијата на експретседателот Ѓорге Иванов, а се обвинети во предметите кои ги отвори поранешното СЈО.

Тие доставија жалба до Стразбур во 2017 година, во која се повикуваат на одлука во Стразбур за сличен случај кога било одлучено дека доделена аболиција не може да биде поништена.

Во жалбата се опфатени предметите за масовното прислушување и уништувањето на опремата „Таргет-тврдина“, за изборни нерегуларности „Титаник“, за злоупотреба при организирање на превоз на ученици во Битола „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“ наречен „ТНТ“.

Државата, како тужена страна, сметаше дека помилувањата на Иванов беа дадени спротивно на домашното право и беа извор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Дојче веле