Американската актерка Ракел Велч, заслужна за трасирањето на патот на модерните акциони хероини во холивудските филмови, почина на 82-годишна возраст.
Ѕвездата почина мирно во средата наутро по кратко боледување, изјави нејзиниот менаџер.
Велч стана меѓународен секс симбол во 1960-тите, нашироко запаметена по тоа што глумеше пештерска жена облечена во бикини во филмот од 1966 година „Пред милион години“.

Таа, исто така, доби Златен глобус за нејзината улога во филмот „Тројцата мускетари“ од 1974 година.
Родена како Џо-Ракел Техада во 1940 година, Велч пораснала во Калифорнија, каде победила на тинејџерски натпревари за убавина, а подоцна била презентерка на локална ТВ.
Од списанието „Емпајр“ во 1995 година беше прогласена за една од 100-те најсекси ѕвезди во филмската историја. „Плејбој“, пак, ја рангираше на третото место на нивната листа од 100 најсекси ѕвезди на 20 век.
Меѓу последните улоги кои ги имаше, беа во серијата „Дејт мај дед“, како и во филмот „Како да се биде латински љубовник“, снимени во 2017 година.
Во приватниот живот, пак, Велч имаше четири брака. Првиот со нејзиното момче од средно училиште, со кого се омажи во 1959 година и со кого доби две деца. Двојката се разведе во 1964, а потоа актерката имаше уште три брака.






