Заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, смета дека нема нужда од ново вето за Македонија на патот кон Европската унија бидејќи, според неа, таа самата се блокирала.
„Тие се во самонаметнато вето. Јасно е напишано дека за да го продолжат патот кон евроинтеграциите мораат да го сменат Уставот. Сè додека не го направат тоа, нема начин преговорите вистински да почнат. Ние можеме да ставиме вето колку пати сакаме. Крајната цел е овој регион да се интегрира, така ќе биде многу полесно да коегзистираме со нив, но тоа може да се направи кога ќе ги исполнат критериумите“, изјави Петрова за телевизијата Бугарија он ер.
Дипломатката коментира дека по усвојувањето на преговарачката рамка од страна на ЕУ, Македонците имаат чувство дека преговорите се веќе започнати.
„Погрешно создадоа големи очекувања во општеството дека ќе продолжат и без промена на Уставот, а според одлуката на сите држави, тоа мора да го направат. Тоа е ангажман не кон Бугарија, туку кон целата ЕУ“, појасни Петрова.






