Со месеци доцнат платите на вработените во јавното здравство, образованието, јавните претпријатија и во други институции, се жалат од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ). Од таму велат дека ситуацијата станува неиздржлива, зашто доцнењето на платите и до 20-ти во месецот негативно влијае на социјалниот статус на вработените во овие дејности. Бараат со новиот Закон за работни односи, како во минатото , платите да ги добиваат до 5 во месецот, зашто во актуелната економска криза се соочуваат со егзистенцијални проблеми.

- „Банките ги зголемија каматните спапки. Ратите на работниците се зголемени. Каматите, кога ќе ја земеме платата буквално верувајте сметководството во сите јавни претпријатија, по министерствата, вршат административни забрани и работниците остануваат без пари“, изјави претседателот на КСОМ, Марјан Ристоски.
Им доцнат, а и ниски се платите на здравствените работници, се жалат од Синдикатот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина.
- „Кога ќе видиме дека еден пратеник зема 60.000 денари месечно за патни трошоци, а една плата на доктор е 60.000. Со кое право тогаш од нас граѓаните бараат да штедиме, додека другите во Парламент и во Влада никој ништо не штеди? – Што сакаат од нас? – Да запреме да јадеме, да дишеме?“, прашува Лазо Костовски, претседател на Независен синдикат на „ Геријатрија“.
Поради тоа здравствените работници ја напуштаат државата, а на нивно место се вработува кадар без квалификации, велат од Синдикатот. Од таму се категорични дека одлука за протести веќе донеле и ќе ја активираат, доколку по реконструкцијата на Владата нема позитивен исход од средбата со премиерот Ковачевски.
А, од Владата велат дека до овој момент не пристигнало барање за средба од КСОМ. А, откако ќе стигне ќе се постапи по него.





