За 17,1% пораснаа трошоците на живот во јануари, а во истиот период цените на мало се зголемиле за 13,3%, објави Државниот завод за статистика. Најголемо поскапување има кај храната од 25,1%. Споредено со декември лани, трошоците за живот во јануари годинава се зголемиле за 0,1%, а цените на мало, пак, се намалиле за 0,4.
Според статистика, поскапување има кај се. Лебот е поскапен за 39,1%, месото за 28,3%, рибата и морските плодови за 14,4%, млекото, сирењето и јајцата за 36,2%, маслото за јадење за 18,4%, овошјето за 11,4%, жестоките пијалаци за 9,2%, итн.

По повисока цена се купува и струјата, а зголемување на цените има и кај услугата за собирање смет, весниците, канцеларискиот материјал, апаратите за домаќинствата, како и за нивна поправка, потоа спортска опрема, производи за лична хигиена и друго.
Инаку, откако Владата се закани дека ќе ги повлече субвенциите за струја на компаниите кои не ги намалиле цените на производите, дел од прехранбениот сектор повикува Владата да ги искористи инспекторите и да провери дали има основа тие да бидат казнети, но дел од компаниите велат дека и покрај поевтината струја нема услови за намалување на цената, зашто цените на увозните суровини биле високи. Граѓаните се незадоволни бидејќи не гледаат поголемо намалување на цените.
Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши се закани дека за две недели ќе се одлучи дали ќе се казнуваат компаниите кои користат евтина струја и кои не ги намалиле цените. Најави и анализа на фактичката состојба до крајот на месецов.
И додека власта и стопанството се натегаат каде бил проблемот, сиот товар паѓа врз и онака осиромашениот граѓанин. Па така, Владата најави казни, а компаниите велат дека цените се намалени, ама барем за сега, никој тоа не може да го види.





