Трите генератора за струја, кои бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев ѝ ги понуди на Македонија за да не се „вадела“ за непропуштањето државјани на Бугарија на трите гранични премина што тргнале кон гробот на Гоце Делчев, а таа ги одби, ќе завршат во Турција.
Откако од македонскиот дел на границата на Деве Баир во неделата беа одбиени понудените агрегати, веќе утредента Демерџиев ги пренамени за турските региони погодени од катастрофалните земјотреси, зошто таму имало поголема потреба од нив.
„Се надевам дека Република Северна Македонија ќе најде сила и средства подобро да ја обезбеди својата гранична контрола“, рече тој и додаде дека претстојат конзуларни консултации на кои се надева дека ќе учествува.
„Таму ќе ги разјасниме сите проблеми и ако можеме да помогнеме, ќе им помогнеме, но потребата во Турција е многу поакутна во моментов, се однесува на спасување човечки животи и мислам дека трите генератори ќе одат таму“, додаде првиот бугарски полицаец.





