Судот во Аргентина им дозволи влез во земјата на шест бремени руски државјанки кои пристигнале во Буенос Аирес,Аргентина, откако првично им бил забранет влез.
Властите на јужноамериканската земја се вознемирени од значително зголемениот проток на Русинки во доцна бременост во текот на изминатата година, сомневајќи се дека единствена цел им е да добијат – аргентински пасош, пишува Гардијан.
Откако 33 руски државјанки во поодмината бременост пристигнаа во Аргентина во четвртокот вечерта, властите прават напори да ги вратат, што е речиси невозможно бидејќи жените пристигнале без придружба, со малку пари, без повратни билети и бремени над 30 недели.
Шефот на миграциската служба на Аргентина, Флоренсија Карињано, рече дека првичното одбивање на влез во земјата се должи на сомневање дека тие дале лажни информации за целта на патувањето, односно дека целта на патувањето им била – туризам.
Аргентина дава државјанство на децата родени во земјата, а нивните родители можат да добијат дозвола за постојан престој проследена со аргентински пасош.
Меѓу другото, ова им дава право на безвизен влез во земјите од Европската Унија.
Бремените жени и порано доаѓаа во Аргентина да се порода, но по руската инвазија на Украина, земјата се соочи со зголемен прилив на бремени „туристи“.
Во изминатата година во земјава влегле вкупно околу 10.500 бремени руски државјанки, а протокот на трудници Русинки особено е зголемен по август 2022 година.
Околу половина од нив биле во последното тромесечје од бременоста.






