Преку проширување на парламентарното мнозинство, следува кадровско освежување кое ќе внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата предводена од СДСМ, а истовремено се отвора можност за соработка на локално ниво во општините и советите со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните, се вели во соопштението на СДСМ.
„Пропаднаа сите најави на Христијан Мицкоски за ново парламентарно мнозинство, отстранета е опасноста земјата да биде зафатена од радикални елементи како Левица и нејзиниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, кои сакаат да ја вратат државата во темните времиња на изолација и сиромаштија“.
Владејачката СДСМ соопштува дека на синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ партијата го овласти претседателот на партијата, Димитар Ковачевски да ги заокружи разговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата, информираат од оваа партија.
„Направен е добар исчекор, се обезбедува поголемо парламентарно мнозинство за реформи, економски политики и интеграција во ЕУ. Преку принципите на платформата за соработка со Алијанса на Албанците, одобрени и од ЦО на СДСМ, се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност и зголемена ефикасност на Собранието и институциите.
Тоа ќе придонесе забрзано да продолжиме со реализација на реформите во економијата, во судството и во однос на интеграцијата на земјата во ЕУ. Се создаваат услови за унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата, а зголемена поддршка добива и планот за стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи“, се вели во соопштението.






