Партијата Алтернатива ќе одлучува дали ќе остане во Владата откако влезот на Алијанса за Албанците во Владата ќе се формализира, изјави портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, за „Фокус“.



„Ние одлука ќе носиме откако новата коалиција ќе се формализира“, одговори Муртезани на прашањето дали остануваат дел од Владата и кои нивни директорски места ќе преминат кај новиот владин партнер Алијанса за Албанците.

По синоќешната седница на највисокото тело на АА, претседателот Арбен Таравари, потврди дека неговата партија влегува во Владата и дека Алијанса за Албанците ќе ги добие Министерство за здравство, Министерство правда, Министерство за информатичко општество или заменик премиер за економски прашања, како и директорски места.

Токму директорското место на Муртезани во МЕПСО се споменуваше во комбинаториките како едно од местата кои можат да преминат кај Алијанса, заедно со ПИОМ, Пошти и Железници, потсетува Фокус.