Ивановиќ: Кога ќе пораснам сакам да работам како Бугарин

Новинарот на Слободен Печат Срѓан Ивановиќ во колумна со доза на иронија ја објаснува ситауцијата која се случува по тепачката во Охрид во која бугарски државјанин претепа македонски државјанин со бугарско самочувство по што Бугарија и објави дипломатска војна на Макеоднија.



,,Кога ќе пораснам, сакам да работам како Бугарин! Ова веројатно сега го вели некое осумгодишно дете некаде во Македонија, кое од разговорот на возрасните дознало дека претепаниот Христијан Пендиков од Охрид, во Софија добил стан, паричен надоместок и 24-часовно лично обезбедување.

На детето што сонува да стане Бугарин, по примерот на Пендиков, треба да му се дообјасни дека и покрај тоа што тоа е лукративна професија, сепак знае и да заболи. Односно, да му се каже на малиот дека Пендиков прво беше претепан во Охрид, па по дипломатски канали беше пренесен во Бугарија на лекување, а откако неговите повреди беа санирани, дури тогаш се спастри со живеалиште, плата и со обезбедување.

Се разбира дека ќе биде тешко да му се објасни на детето, па дури и кога малку ќе потпорасне, како тоа на државниот врв во Софија му се битни тепачките во Охрид. Односно, зошто се спремни да испратат владин авион за лице кое не е нивни граѓанин, а кое според непотврдени информации било натепано токму од бугарски државјанин, кој меѓу другото е сопственик на пасош издаден од Министерството за внатрешни работи на Бугарија.

Да, многу е збркано и тешко разбирливо не само за едно дете, туку и за нас повозрасните. А возрасните ја водат политиката, па и онаа меѓународната. Возрасни луѓе се тепаа во Охрид, а возрасни се и оние што на едната или на другата страна се обидуваат да профитираат од тепачката.

Прво профитираше Христијан, кој до пред две години се идентификуваше како антички Македонец, барем тоа така изгледа од прегледот на неговиот профил на Фејсбук, сега е софијанец, со обезбедени средства за живот и се чувствува безбедно кога шета по улиците на бугарската метропола во присуство на своите бодигарди. Можеби за некоја година, кога ќе помине траумата од здобиените повреди, Пендиков ќе најде сила да се пошегува со својата судбина, па ќе каже: Боли, ама Бугарин е добра професија.

Профитира и бугарскиот државен врв, кој на сите страни побрза да разгласи дека Македонија е небезбедна земја за лицата со бугарска самосвест.

Очекувано, без профит остана македонската власт, која не само што не успеа навремено да ја расветли тепачката во Охрид, туку дозволи, како детето од почетокот на овој текст, да биде вовлечена во оваа сомнителна комбинација”, пишува Ивановиќ.

Целиот текст на овој ЛИНК