Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот украински колега Володимир Зеленски заедно ќе летаат од Париз на самитот на шефови на држави и влади на ЕУ во Брисел, соопшти Елисејската палата. Во 09:00 часот се очекува да пристигнат во Брисел.
Украинскиот претседател, кој е на ненадејна турнеја низ Европа, ја напушта својата земја по втор пат од почетокот на руската офанзива на 24 февруари 2022 година. Во декември тој беше во Вашингтон.
Вчера тој замина во Лондон, неговиот најблизок сојузник по САД во однос на воената помош, а потоа во Париз, каде вечераше во Елисејската палата со Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Зеленски ги повика лидерите да испорачаат борбени авиони „што е можно поскоро“ за да се одбие руската офанзива во неговата земја.
Макрон и Шолц ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, вклучително и воено, „колку што е потребно“ до „победа“.
Макрон му врачи на Зеленски Орден „Легијата на честа“, највисоко одликување што еден француски претседател може да му ја додели на друг шеф на држава.






