Двесте илјади луѓе останале под урнатините како последица на катастрофалниот земјотрес во Турција, проценува турскиот геофизичар Овгун Ахмет Ерџан.
„Ова е светска катастрофа. Со други зборови, светот ретко видел ваква катастрофа“, додаде тој, пред да ја образложи својата пресметка за бројот на жртвите. „Локацијата на потресот е појас од приближно 330 километри. Погодени се 10 провинции. Тоа е територија со приближно 4 милиони домови, во кои живеат 13 милиони луѓе. Урнати се околу 7 илјади згради со во просек над 4 ката и 8 стана и, според моите пресметки, тоа се приближно 200 илјади луѓе под урнатините. Од нив досега се извадени 8 илјади луѓе, што значи дека 192 илјади луѓе сè уште се под урнатините“.
Ерџан е изненаден од бројот на спасени и сè уште живи луѓе под урнатините.
„Најважниот момент во еден земјотрес се првите 6 часа. Колку повеќе луѓе можете да спасите во првите шест часа, толку ќе бидете поуспешни. Во првите 6 часа, 80 проценти од оние што може да се спасат обично треба да се спасат. По тоа остануваат 5 отсто шанси за преживеани. Значи, сега сме во третиот ден. Бројот на спасени и сè уште живи луѓе ме изненадува и воодушевува. Бидејќи температурата на воздухот е минус 5 степени. Најлошо е тоа што земјотресот се случи во 04:17 часот, додека луѓето спиеја, а среќна околност е тоа што поради студеното време луѓето спиеле завиткани во јоргани и во ќебиња, што им помогна во преживувањето на извлечените од под урнатините“, објасни тој.





