Овој викенд ќе биде вистински празник за љубителите на уметничкото лизгање. На 10 и 11 февруари (петок и сабота), во организација на Федерацијата за лизгачки спортови на Северна Македонија по седми пат ќе се одржи меѓуклубски и меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Скопје на мраз 2023“ (Skopje on Ice 2023).

На овој престижен спортски настан ќе учествуваат 75 натпреварувачи на возраст од 5 до 22 години. Тие ќе бидат поделени во пет категории: деца Ц, Б и А, младинки и јуниорки и три интерпретативни категории. На натпреварот покрај од нашата држава, пријавени се и натпреварувачки од Србија, Бугарија, Грција и Италија.

Натпреварот ќе биде поделен во два дена. Во петок своите вештини на мразот ќе ги покажат учесниците во интерпретативните категории, додека саботата ќе биде посветена на натпреварувачките категории. На натпреварот ќе судат меѓународно квалификувани судии од Бугарија и Србија. За значењето на натпреварот говри и фактот што тој ќе се одвива по критериуми и правила стандардизирани од Меѓународната федерација за лизгање (ИСУ).

Целта на настанот е да се популаризира уметничкото лизгање во Македонија и на тој начин да се поттикнат што е можно повеќе деца и млади да застанат на мразот и да почнат да се занимаваат со овој спорт. Но, секако и да се поттикнат младите спортисти кои овој спрот го тренираат веќе 13 години, во една здрава конкурента средина да ги остварат своите амбиции.
Со цел натпреварот да биде достапен за сите кои сакаат да уживаат во уметноста на мразот во СРЦ „Борис Трајковски“, влезот и двата дена ќе биде слободен.





