Венцеслав Стефанов, сопственик на бугарскиот фудбалски прволигаш Славија од Софија, со нова провокација кон Македонија, опишувајќи ја како провинција на Бугарија, и тоа во спортски, а не во политички контекст.
„Се срамам што една провинција на Бугарија – Македонија – има чудо од стадион, а ние Бугарите овде се чудиме каков изговор да измислиме дека немаме таков стадион“, изјави тој за бугарски „Топспорт“.
Ова не е прво посегање по соседот од Стефанов, кој се „прослави“ и при дуелите на двата соседа во Лигата на нациите минатата година.
„Која е бре таа С. Македонија!? Па, таа вчера стана држава, зошто тогаш ние би стравувале? Па, ако стравуваме од репрезентации како Македонија, Грузија и Гибралтар, тогаш воопшто и да не играме фудбал. Да си играме некои детски игри“, изјави Стефанов за „Новини247“ пред првата средба во Разград.
„Моето потекло е од Битола, ама јас не сум Македонец, јас сум Бугарин. Тие, кои се прават големи патриоти, сакам да знаат дека Македонија е југозападна Бугарија. Ја кажувам вистината, гајле ми е. Знам каде е родното место на Цар Самоил и знам дека Македонија е југозападна Бугарија. Како што кажав, потеклото ми е од Битола, но таму не стапнувам. Пред неколку години бев таму да си ги видам роднините, ме сопираа како да сум шпион. Може ли да претставите за какви помрачени умови говорам?“, праша тој преку „Спортал“ по мечот.
„На крајот ни помогна нивната злоба. Бог ги казни. Натпреварот го решија двајца наши Македонци. Но тие се Бугари, не се од С. Македонија. Десподов е од Кресна, а Кирилов од Симитли“, нагласи Стефанов по реваншот во Скопје.





