Претседателот на Сојузот на антифашистишките борци во Македонија, д-р Никола Стојановски, денеска наполни 100 години.
Стојановски е учесник во НОБ и еден од ретките живи борци од Втората светска војна. Тој сведочи за славните борби на македонските партизани за ослободување на Македонија од окупаторите и фашизмот, пишува Скопско Ехо.
Д-р Никола Стојановски е роден во 1923 година во селото Скачинци, велешко. Завршил Медицински факултет во Белград, специјализирал педијатрија, а подоцна се стекнал и со титулата доктор по медицински науки. Речиси целиот работен век е педијатар и директор на Болницата во Велес. Ја извршувал функцијата пратеник во првиот парламентарен состав на независна Македонија и бил претседавач на првата конститутивна седница на Собранието во 1991 година како најстар и угледен пратеник во тогашниот состав.
Д-р Никола Стојановски е одликуван со повеќе признанија за неговите несебични заложби за подобро утре на нашата држава, за борбата за слобода и независност и како успешен претседател на Сојузот на борци.







