Од засега непознати причини, вчераутро на автопатот А3 во близина на германското гратче Еркрат близу Диселдорф се судриле два камиона, при што еден од двајцата возачи, државјанин на Македонија, со возило на брза помош бил пренесен во болница за укажување лекарска помош.
Според првите наоди на истрагата, 43-годишен возач на камион со приколка од Турција се движел со возилото по десната лента. Поради застој во сообраќајот, тој морал да закочи, но возачот на камион тежок 18 тони од Македонија што се движел веднаш зад него, не можел да запре навреме и удрил во полуприколката пред себе. Возачот на камионот со приколка бил неповреден, а 48-годишникот од Македонија завршил в болница.
Сообраќајот бил привремено регулиран повеќе од пет километри. Полицијата од Диселдорф ја проценува материјалната штета на 100.000 евра.






