Историското вештачење за случајот „Ласкарци“ буди сомнеж – дали намерно се одолговлекува предметот?

Директорот на Бирото за судско вештачење е претседател на ДУИ во Гостивар, а и вештакот што го работел супервештарчењето е симпатизер на истата партија

Валдет Џафери, директорот на Бирото за судско вештачење, во кое се работеше супервештачењето за „Ласкарци“, и вештакот Зеќирија Зеќири, кој го изработи вештачењето, ги поврзува партијата ДУИ, пишува агенцијата Макфакс во своја истражувачка сторија.



Директорот Валдет Џафери е претседател на разгранокот на ДУИ во Гостивар, а Зеќирија Зеќири е симпатизер на партијата, за што сведочат неговите фотографии на социјалните мрежи. Директорот Џафери е од Гостивар, каде што е и седиштето на фирмата „Дурмо турс“, чиј автобус излета кај Ласкарци, при што загинаа 16 лица. Бирото со кое раководи Џафери е одговорно што една година се чекаше супервештачењето за „Ласкарци“, а сега, кога тоа стаса, вештакот се разболел, но не доставил документација до судот.