Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција ги потврди информациите дека има влечење на електрична енергија од Европската енергетска асоцијација, но тоа во најголем дел е од снабдувачите за компаниите на слободниот пазар.
Податоците кој трговец со струја или снабдувач повлекол одредени количини електрична енергија од европската мрежа може да се утврдат еднаш месечно или еднаш во два месеца. Поради тоа е невозможно на дневна база да се види која компанија влечела европска струја, и затоа немало податоци за оваа операција во извештајот што го подготвува Владата, објасни Бектеши.
„Овие повлекувања не се сите од страна на ЕСМ. Повлекувањата може да се направат и од тие снабдувачи на електрична енергија кои ги обезбедуваат компаниите што се на слободниот пазар поради проекциите кои не ги направиле навремено или, пак, проекциите кои заради времето или други околности може да се случат.
Овие 1 700 мегават-часа повлекување се само во недела и повеќето не се од ЕСМ, туку се главно од снабдувачите што ги обезбедуваат компаниите на слободниот пазар“, истакна министерот одговарајќи на новинарско прашање.






