ВМРО-ДПМНЕ: Затруено дрво кое раѓа затруени плодови е договорот со Бугарија

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седницата одржана вечерва оценил дека односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија никогаш не биле полоши од сега, што покажуваат и постојаните тензии, уцени и условувања. „Договорот за пријателство и добрососедство кој го склучи владата предводена од СДС и ДУИ со Бугарија, наместо за да носи пријателски односи и меѓусебна соработка, тој е затруено дрво кое раѓа затруени плодови”



„Никогаш досега немало таква несигурност во меѓусебните односи помеѓу Македонија и Бугарија, а уште полошо е што уценувачката бугарска политика на негирање на македонскиот народ, идентитет и јазик постојано се проширува. За таквите уцени кои немаат крај е виновник владата на Ковачевски која спротивно на барањата на македонските граѓани се согласи и овозможи на Бугарија да може да поставува нови и нови барања“, се вели во соопштението издадено по седницата на Извршниот комитет.

Во однос на економската состојба, како што се наведува понатаму, беше заклучено дека во Македонија никогаш не се живеело полошо.

„Македонија руши рекорди со инфлацијата. Власта е неспособна да ги заштити граѓаните од постојаните поскапувања, но и не ги заштитува компаниите кои поради кризата секојдневно ставаат клуч на врата а со тоа илјадници граѓани остануваат на улица. Наместо тоа власта на граѓаните зачестено им задава нови удари како што се честите поскапувања на струјата, а потоа како домино ефект предизвикуваат поскапувања на се останато. Единствено за што е способна оваа власт е криминал и корупција, што го покажа и последниот извештај на Транспаренси интернешнл каде Македонија е во друштво на Суринам, Тунис и Индија. Затоа, единствен спас и излез од оваа ситуација се предвремени парламентарни избори, за што поскоро да дојде власт која ќе почне да ја вади Македонија од калта во која ја заглавија СДС и ДУИ“, се вели во соопштението.

Воедно, партијата информира дека на седницата на Извршниот комитет биле донесени и кадрови одлуки.

„Нов претседател на Градски комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ е Бојан Христовски. Тој е магистер на науки на факултетот за безбедност, при Универзитетот „Св. Климент Охридски”, а во својата струка има поминато повеќе меѓународни обуки. Од 2006 година има работно искуство во Министерството за внатрешни работи, каде бил на повеќе на раководни позиции. Христовски беше и директор на ЈП ‘Градски паркинг’ Скопје.

Нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Тетово е пратеникот Александар Велјановски. Има долгогодишно работно искуство како самостоен стручен соработник во ЈЗУ Здравствен дом Тетово и директор на КПУ Воспитно поправен дом Тетово“.