Штепан, 12 години од смртта: Македонците не се Бугари и не смеат да се предадат пред сонот за „Голема Бугарија“! РМ ќе опстане и без ЕУ!

Подготвил: Свето Тоевски



На 5 февруари во 2011 година почина на 76-годишна возраст д-р Ханс-Лотар Штепан, првиот германски амбасадор во независна Македонија, нејзиниот голем пријател. Штепан беше еден од најголемите лобисти за вистината на Македонија и активно работеше на запознавање на европската и светската јавност со македонското прашање. Беше автор на монументалната студија „Македонскиот јазол“, која доживеа неколку изданија на германски, македонски и англиски јазик.

Во ова навраќање на 12-годишнината од смртта на Ханс-Лотар Штепан го пренесуваме како исклучително значајно интервјуто, што тој го даде за тогашната телевизија А1 на 5 септември 2008 година, кое низ факти и аргументи ја разобличува и ѝ задава тешки удари и на сегашната великобугарска и неофашистичка политика на официјална Софија кон Македонија, со штедра поддршка на ЕУ. Во интервјуто на почетокот се нагласува неговиот став дека „Македонија е жртва на европските заговори од почетокот на 20 век“.

„Бугарскиот јазик е македонски!“

Каде ја гледате Македонија за пет години, од аспект на евроинтеграциите?
Штепан: Македонија ќе опстане и без членството во ЕУ и во НАТО. Но, ако се предадете и ако се откажете од името и ако им кажете на Бугарите „Да, ние сме Бугари!“, тогаш тоа ќе претставува анахронизам. Бугарите се населиле на Балканот после вас, Македонците. Тие асимилирале дел од Славомакедонците. Тие го прифатиле славомакедонскиот јазик и сега го зборуваат вашиот јазик, а не го зборувате вие нивниот јазик. Денес нивниот јазик се нарекува бугарски само затоа што некако успеале нивната земја да ја наречат Бугарија, а јазикот да биде бугарски. А сега се преправаат дека Македонија е Бугарија. Тоа е анахронизам, тоа е игра. Тоа се нивните соништа за Голема Бугарија.. Како што постојат идеи и за „Голема Грција, „Голема Србија“, па и за „Голема Албанија“. Тие треба да се откажат од идејата за „Голема Бугарија“ и да се задоволат со тоа што го имаат, а не да обвинуваат и да малтретираат други луѓе, да се обидуваат да им ги украдат правата. Тие сакаат да ви го украдат идентитетот, но вие не смеете да се предадете.

Аргументите што ги изложивте во вашата книга „Македонски јазол“ им помогнаа на многу луѓе во Македонија подобро да ја разберат историјата на својата земја.
Штепан: Убеден сум оти сите историчари ќе се согласат дека, ако сакате да ја разберете денешната политичка ситуација, треба да влезете во историјата. Како што открив, историјата на пример докажува дека Грција никогаш не поседувала македонски територии пред 1912-1913 година. Ниту во античко време, ниту во римско време, ниту во словенско време, ниту во османлиско време. Само по кршењето на меѓународното право во 1912-1913 година за време на Балканските војни, кога Грција заедно со Бугарија, Србија и Црна Гора ги окупира и ги анектираше Македонија, Тракија и Епир. Врз таа основа Грција ги украде македонските територии, тоа беше направено спротивно на меѓународното право. Оваа историска врска е целосно независна од правото на Македонија на самоопределување. Сите луѓе во светот имаат право на самоопределување. И Македонија го има тоа право и треба сама да одлучува за идентитетот и името. Никој нема право да се меша.

Често отворено зборувате за Македонија и вашиот став е дефинитивно јасно изразен во вашата книга „Македонски јазол“, која се разликува од официјалниот став на германската политика.
Штепан: Кога се вратив дома по повеќе од три години отсуство во Македонија, одржав неколку состаноци во Германија во врска со македонското прашање и за балканските, јужноевропските и југословенските прашања. Во сето мое разбирање за населението во тој регион немав информации за неговото потекло. Затоа почнав да ги пребарувам досиејата на германското Министерство за надворешни работи: прво неколку месеци во Бон, а потоа некое време во Берлин. Во моето пребарување таму дознав дека соседните земји блиски до Македонија се целосно новосоздадени.

Инаку, со книгата „Македонскиот јазол“ д-р Ханс Лотар Штепан преку архивски документи на светот и нам нѝ ја доближи вистината за судбината на македонскиот народ. Како борец за вистина и соочен со неправедно оспоруваната позиција на Македонија, особено засилена по распадот на југословенската федерација, Штепан ги ползуваше досиејата на Политичкиот архив на германското министерство за надворешни работи, пронаоѓајќи во нив несоборливи аргументи против негаторските и асимилаторски политики на соседните земји на Македонија.

Во 2007 година Штепан беше одликуван со медал „Блаже Конески“ од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Во 2008 година ја доби наградата „Духовен борец за Македонија“, како признание за неговите заслуги како борец за вистината за Македонија и македонскиот народ. Неговите бројни интервјуа, коментари и забелешки ќе остануваат засекогаш во колективното паметење на македонскиот народ.

„Македонците имаат најголемо право да го користат своето име Македонија.“ – ова согледување на Штепан, втемелено врз опсежните документаристички претраги низ германските архиви, е од трајна и бесценета важност за Македонците и дотолку позначајно сега кога со „Преспанскиот договор“ тоа име им е одземено на Македонците како народ, но само привремено, оти кога-тогаш тие ќе си го повратат она што е единствено нивно.

Не случајно додека беше жив своевремено овој бележит Германец имаше изјавено: „Многу држави, вклучително и САД, го признаваат вашето уставно име. Ова покажува дека американски политичари и научници ги провериле своите архиви за македонската историја и дошле до единствениот заклучок до кој може да се дојде. Светот, по подобро познавање на вистината за Македонија, практично има обврска интензивно и ефикасно да ја поддржува демократска Македонија.“

За да ја напише „Македонскиот јазол“ д-р. Ханс Лотар Штепан ги користел сите државни архиви на Германија од 19 век до 1913 година, особено политичкиот архив на германското Министерство за надворешни работи. Тој наведува дека сите архивирани документи од германскиот Рајх од 19 век потврдуваат дека постои засебен Македонски народ, а никако македоно-бугарски, македоно-српски или македоно-грчки народ. Тој аргументира дека необјавените досиеја на германскиот Рајх го докажуваат сопствениот непрекинат идентитет на Македонците.

Штепан посочува еден дипломатски извештај, испратен до германското Министерство за надворешни работи, во кој се наведува „предлогот на Србија до бугарската влада од 1900 година околу поделбата на сфери на влијание во Македонија“.„Oва е еден од ретките случаи во сите испитани документи, во кои македонскиот народ не е претставен само како жртва на агресивните соседи, како што и било вообичаено, туку и како предмет на трговија.“ – укажа Штепан во „Македонскиот јазол“.

Во „Македонскиот јазол“ тој посебно го издвои и следното: „Македонското население се изјасни дека никогаш не сака да се стави ниту под старателството на Бугарија, ниту пак, под она на Србија.Идејата за сепарација и самостоен развиток за кратко време стана толку популарна, што во многу места во Македонија почна да се оспорува постоењето било какви сродства, или други врски меѓу тамошното население и оние од другите балкански држави.“

Интервјуто на Ханс-Лотар Штепан За ТВ А1