Со цел да ги превенираат сите можни сценарија за инциденти при чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев, од вечерва е воспоставен посебен сообраќаен режим на сообраќајниците и на приодите кон црквата Свети Спас каде се наоѓа гробот на македонскиот револуционер.
Полициски службеници веќе во поголем број се поставени на скопското Кале и во околината на црквата „Свети Спас, каде што почива Делчев.
„Од четврток 2 февруари во 18 часот за сообраќај ќе биде затворена улицата ‘Самоилова’, на потегот од улицата ‘Иљо Војвода’ (вијадукт ‘Самоилова’) до крстосницата со улицата ‘Прохор Пчињски’, а на 4 февруари (сабота) посебен режим на сообраќај ќе се спроведе на улиците ‘Лазар Личеновски’ и ‘Самоилова’“, соопштија од МВР.
„Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот“, пренесува Министерството.







