Неколку стотици граѓани на населбата Автокоманда попладнево организираа протест на кој го изразија своето несогласување и револт откако вчера,м без да бидат информирани и без никаква најава, централното греење го презема ЕСМ Дистрибуција.



Автокоманда парно ќе добива од ЕСМ Дистрибуција, какви ќе бидат сметките!?

Вчера попладне граѓаните останаа без популарно нареченото „железарско парно“, од ЕСМ Енергетика на кое беа приклучени десетина години, и утрово се разбудија, како што велат, со студени радијатори пред да почне да функционира она кое сега им го доставува новиот снабдувач.

„Нема да го трпиме ова самоволие на властите кои без никаква претходна најава и среде зима вршат промена на снабдувачот со топлинска енергија, рече Слободан Павлов , претседател на Урбаната заедница Автокоманда.

Слободан Павлов

Тој рече дека граѓаните бараат Владата најдоцна до недела да ја повлече оваа спорна одлука, а доколку тоа не се случи, најави дека Урбаната заедница од наредната недела ќе организира блокада на булеварот „Александар Македонски“, што беше поздравено од граѓаните.

На собирот се обрати и градоначаникот на Општина Гази Баба, Бобан бСтефковски кој најпрво информираше дека Општината се обратила до надфлержните во ЕСМ со барање објаснување за ова што се случи, а за кое и претходно имаше гласини дека нешто се подготвува.

Тој рече дека е спорен начинот на кој се спроведени активности од страна на службите на Енергетика и ТЕ-ТО, без знаење, информирање и согласност од граѓаните кои се корисници на топловодно греење и имаат склучено полноважни договори за снабдување со топлинска енергија.

Бобан Стефковски

„Побаравме одговор по институционален пат, но не добивме никаков одговор. Нелогично е прво да се изврши промена на снабдувачот на топлонска енергија, а граѓаните отпосле да бидат информирани“ , рече Стефковски.

Граѓаните, според него имаат валидни договори со ЕСМ „Енергетика“, а сега се повикуваат да склучат нови, како што денеска информираа од ЕСМ Дистрибуција.

Стефковски рече дека Општината го разбира револтот и во целост ги поддржува барања на граѓаните кои велат дека биле задоволни од парното греење од ЕСМ Енергетика.

„Доколку нема одговор на барањата, ќе мора да преземеме радикални мерки како што е блокада на булеварот“ , вели граѓанин кој за Експрес.мк вели дека „не бевме задоволни од градското парно пред да се приклучиме на Енергетика. Плаќавме , а се смрзнувавме. Нема да го дозволиме тоа“!

Неколку револтирани граѓани бараа веднаш да се оди на блокада на булеварот кој поминува веднаш до населбата, но од Урбаната заедница им беше речено дека е потребно да се најави таков протест и дека за тоа е потребно да се добие дозвола од МВР.

Неофицијално се зборува дека утре во 16 часот многу веројатно ќе се организира блокада на кружниот тек меѓу населбите Автокоманда и населба Железарница, односно кон поранешната фабрика „Железара“ кадер се наоѓа и ЕСМ „Енергетика“.