Вечерва се очекува, најтесното раководство на „Алтернатива“ да решава и да излезе со свои предлози како „да одигра“ откако на вчерашната лидерска помеѓу премиерот Ковачевски и лидерот на АА Арбен Таравари, програмски 90 отсто се усогласиле и следи кадровската понуда за влез на АА во Владата.



Пред официјалниот почеток на преговорите за проширување на владиното мнозинство, ставот на Алтернатива е дека ако Алијанса влез во Владата цехот за министерските позиции треба да го платат ДУИ и СДСМ.

Потпретседателот на Собранието и дел од тесното раководство на Алтернатива, Хусни Исмаили за „Слободен печат“ изјави дека на состанокот ќе се разговара дали ќе се официјализира како партиска понуда, идејата која ја лиферуваат од Алтернатива, Алтернатива да го задржи министерствотоза здравство, но да го смени министерот Беким Сали, а на негово место да го понуди потпретседателот на Собранието и лекар ревматолог Хусни Исмаили.

„Засега тоа е само како идеја. Вечерва на редовниот партиски состанок очекувам дека претседателот Гаши ќе не информира за разговорите со Ковачевски за евентуален влез на Алијанса за Албанците во Владата и дали таа идеја ќе биде опција на Алтернатива“, вели Исамили за Слободен печат.

Таравари по состанокот со Ковачевски иако потенцира дека допрва ќе се разговара за поделба на ресорите, потврди дека за ресорот здравство имаат најголема понуда. Ковачевски по средбата со Таравари, а пред средбата на Извршниот одбор на партијата изјави дека имале состаноци со Алтернатива и дека во наредните денови ќе се одржат и нови.

„Со Алтернатива имавме состаноци изминатите денови, во текот на наредните денови нормално дека ќе имаме состаноци на кои ќе разговараме исто така за развојот на разговорите со Алијанса“, рече Ковачевски.