Отворено писмо со аргументи против Преспанскиот „договор“ потпишаа професори од Харвард, Принстон, Лондон, Болоња, Сорбона, Загреб, Австралија и други места, како и писатели, поети, уметници, уредници, издавачи и други интелектуалци, јави Радио Лидер.
Тие во отвореното писмо предупредуваат дека договорот не им служи на интересите ниту на Македонија, ниту на Грција. Тој не е заснован на респект за меѓународното право, човековите права и демократските принципи.
Понатаму се потенцира дека со овој договор којшто се обидува да дефинира политички, историски и културни граници помеѓу „античка Македонија“ и (она што треба да биде) Северна Македонија е бизарен потфат несоодветен за 21 век.
„ Договорот претставува негација на уставниот суверенитет на Република Македонија, со тоа што последниот збор им е даден на пратениците на странска држава (Грција). Новото име е наменето да се употребува не само во меѓународните односи, туку и во внатрешниот правен поредок. Атрибутот „македонски“ ќе биде избришан од сите службени документи и од јавна употреба под закана од орвелијански санкции. За изучувањето на историјата ќе одлучуваат владини тела, а не научните работници. Меѓународниот мисменаџмент продолжува. Поддржувајќи ги мерките за градење доверба, разрешување на конфликтите и помирувањето, ние застануваме на тврдењето дека Преспанскиот договор не ветува одржлив мир. Членството во НАТО нема да доведе во социјален и економски прогрес или безбедност за малата македонска држава; иронично, но токму Грција е најдобриот доказ за тоа што произведуваат меѓународните диктати на европската периферија.
Меѓу 76–те потпишани интелектуалци на отвореното писмо, има многу познати македонски и странски имиња.
Дел од нив се познатиот писател Милан Кундера, Џејмс Петифер од Оксфорд и Кембриџ, Горазд Росоклија и Славко Богданов од Универзитетот на Колумбија,Стефано Бианчини од Болоња, Жан Павлески од Соробона, Жан Патрик Конард од Лондонскиот универзитет, Ричард Фалк од Принстон и уште многу други.







