Македонија се најде на 85 место од 180 светски држави според Индексот за перцепција на корупцијата, кој секоја година го објавува Транспаренси Итернешнел.



Со 40 поени, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава изминатава година напредувала две места во споредба со минатогодишното рангирање.

Во споредба со лани Индексот е зголемен за еден поен, а главните причини се недостигот на интегритет при избор на клучни фигури во судството и неефикасното водење на тековните случаи против корупција ги поткопува напорите во вистинска насока на властите.

И покрај малиот напредок Македонија и понатаму останува една од најлошите држави во регионот според перцепцијата на корупција, односно во друштво на Суринам, Индија и Тунис.

Пред Македонија на листата се наоѓаат Словенија, Грција, Хрватска, па дури и Црна Гора и Бугарија, а нијанса пред нас е Косово.

Полош скор имаат само Србија и Албанија и Босна и Херцеговина која е најлошо пласирана во окружувањето (110 место).

И годинава лидери против корупцијата се Данска, Финска и Нов Зеланд, а како најкорумпирани земји во светот според Транспаренси Интернешнел се сметаат Сомалија, Сирија и Јужен Судан, кои се на последните три позиции.