Героски „организира бегство на Гордана Јанкуловска од Идризово!“

Мојот план засега е сведен на мојата намера и во овој момент немам идеја како понатаму. Помислив дека можат да ми помогнат Стево Пендаровски и Никола Тупанчевски

Поттикнат од вестите за безмалку секојдневните бегства на затвореници од нашата најпозната робијашница „Идризово“, дојдов до идеја да организирам бегство на затвореничката Гордана Јанкуловска, поранешна министерка за внатрешни работи.



Прво би сакал да објаснам зошто токму таа е мојот избор за планот што ќе го соопштам јавно и за кој барам јавна поддршка и логистичка поткрепа.

Гордана Јанкуловска е најпознатата македонска затвореничка. Според информациите што ги имам, нејзиното поведение е примерно – физички и психички добро се држи, доследно ги почитува затворските прописи и правила и никому не создава никакви проблеми.

Од 28 септември 2020 година, таа ја издржува казната затвор во времетраење од 4 години, токму во „Идризово“. Осудена е за случајот „Тенк“.

Морам јавно да го споделам својот впечаток дека за „она на М“, таа е осудена без вина и буквално – за ништо. Блиндираниот „мерцедес“ за премиерот Никола Груевски е набавен по повеќе или помалку регуларна цена за таков вид возило, државата не е оштетена, во возилото се возеа и се масираа сите премиери после Груевски, а богами тоа се користи и денес.

Но, тоа не е мојата поента. Гордана ја прифати и чесно ја издржува својата затворска казна. Заслужена или не, сеедно.

Да не заборавиме една важна работа – на лицата осудени на затворска казна над 3 години (тоа е групата во која е Јанкуловска), законот им овозможува разни погодности, чија цел е да се поттикне процесот на рехабилитација. Најважниот услов да дојде до тие привилегии е затвореникот да има издржано најмалку една третина од казната.

Гордана Јанкуловска има издржано речиси две третини од казната. Но, до ден денешен, таа нема добиено ниту еден ден отсуство или каква било друга привилегија.

За неа законот – не важи!

Зошто? Од две причини: прво, затоа што постои еден подзаконски акт со долго име којшто ги укинува правата што ги дава законот, или барем така се толкува; и второ, затоа што е Јанкуловска е жена!

Од истите причини државата го казнува и Петар Јанкуловски, малолетниот син на Гордана Јанкуловска. Тој не памети како изгледа неговата мајка надвор од казнено-поправната установа. Се немаат видено во домашни услови. Гордана го нема прошетано во парк или во зоолошка градина. Петар од државата има добиено право три пати во месецот по 1 час да ја види својата мајка. Во тие 3 часа месечно, тој и самиот е затвореник во „Идризово“. Државата на неговата мајка ѝ се одмаздува, но него таа буквално го казнува. Секој Божји ден…

Реков веќе, Гордана Јанкулоска и останатите осуденички се оневозможени да ги користат погодностите што му ги овозможува затворскиот систем во Македонија на секое лице кое издржало најмалку една третина од казната: посети надвор од установата до 4 часа, слободен излез од установата до 7 часа, отсуство до 15 дена во текот на годината, целосно или делумно користење на одморот надвор од установата и работно ангажирање надвор од установата.

Согласно еден член од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица, вакви погодности не можат да користат осудени лица кои имаат изречена казна затвор над 3 години, ако против нив се води друга постапка за кривично дело. И овој дел од Правилникот, кој го повредува принципот на презумпција на невиност и е во колизија со одредбите од Законот за извршување на санкциите, се толкува и „работи“ против Јанкуловска.

Со повикување на оваа одредба од подзаконски акт којшто се толкува како „посилен“ од законот, таа е лишена од привилегиите и од нормалниот процес на рехабилитација. Ова без оглед што постапката којашто се води против неа за друго кривично дело (за предметот „Таргет-Тврдина“) може да заврши и на други начини освен со осудителна пресуда – на пример, со повлекување на обвинението, со ослободителна или со одбивателна пресуда.

Кога лицата од машки пол, осудени на затворска казна над 3 години, ќе издржат една третина од казната, обично бараат преместување во установа за извршување на санкции која не е од затворен вид. Таква установа е затворот во Струга, на пример. По преместувањето на осудените лице од установа од затворен во установа во полуотворен или отворен тип – види чудо! – за нив престанува да важи обврската против нив да не се водат други постапки за кривични дела. Сега за нив важат некои други одредби од фамозниот Правилник…

А да биде работата уште поапсурдна, за разлика од машките осудени лица, жените осуденички можат да ја издржуваат казната затвор единствено во КПУ „Идризово“. А тоа е установа од затворен тип.

Ете, тоа се фактите што сакав да ги предочам јавно.

Нејсе…

Гордана Јанкуловска е највисокиот функционер од поранешната власт на Никола Груевски, која „машки“ ја издржува својата затворска казна, а при тоа е дискриминирана меѓу другото и поради околноста дека е – жена.

А сепак, не сум слушнал некоја од многуте граѓански активистки и некој од многуте борци за човекови права да се загрижи поради ова. Самото спомнување на името на некогашната министерка ли ги одвраќа од помислата да се загрижат поради дискриминацијата на цела една категорија осуденици, дискриминација базирана на нивната родова припадност?

Не би ме чудело да е така…

За жал, живееме во општество во кое пизмата и одмаздата се главниот мотив што ги детерминира односите меѓу луѓето. Не само во политиката и во јавната, туку и во приватната сфера.

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на овој линк:

https://plusinfo.mk/organiziram-begstvo-na-gordana-ankulovska-od-idrizovo/