Зашов: ЕУ не реагираше кога Бугарија масовно издаваше пасоши – нека реагира сега

Поранешниот македонски амбасадор Благој Зашов смета дека претепувањето на Пендиков е несреќен случај кој дојде во несреќно време и тоа е искористено од бугарските националистички кругови кои поведоа хајка против Македонија.



Да потсетиме, причина за „бурните“ реакции на Софија е наводната бугарска самосвест на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Самоил“ , Христијан Пендиков, за кого тврдат дека поради тоа бил претепан на 19 јануари.

Амбасадорот очекува дека големите сили во ЕУ ќе реагираат на оваа ескалација по инцидентот во Охрид кога веќе не реагирале на масовното издавање пасоши на македонски државјани од страна на Софија.

„Зошто ЕУ не реагираше кога Бугарија масовно издаваше пасоши на македонски граѓани? Кога Португалија почна да издава пасоши на Бразилци имаше реакција да се престане со таа практика“, вели Зашов во гостување на ТВ 24.

Зашов исто така вели дека ЕУ треба да побара и од Бугарија да покаже знаци на добрососедство, а не тоа да го бара само од Македонија.

Тој вели дека сегашната ескалација на односите на релација Скопје-Софија може да се реши на дипломатски начин:

„Јас од Милков очекував нешто друго, мислев дека ќе се однесува како дипломат и ќе се обиде да се најдат дипломатски а не политички решенија со Македонија.

Тој е искусен дипломат и моите очекувања беа дека ќе ја смири топката. За мене е неприфатило тоа што го нападна нашиот претседател. Милков може да разговара со својот колега Османи, но не и во тој тон да му се обраќа на претседателот“, вели Зашов за в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков.