„Господинот кој беше нападнат во Македонија не е бугарски државјанин. Тој се дефинира себеси како личност со бугарска самосвест. Бугарија пред сè мора да ги заштити своите граѓани. Меѓутоа, еден од оние што го нападнаа е бугарски државјанин. Зошто да не зборуваме за него? Што правиме во врска со него?“.



Ова го изјави пратеникот од бугарската партија „Продолжуваме со промената“ и поранешен министер за иновации Даниел Лорер во интервју за бугарската Нова ТВ.

Во врска со претепувањето на секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид,  Христијан Пендиков, тој вели дека случајот се политизира и дека се игнорираат неколку важни факти.

Тој оценува дека македонските власти во случајот реагираа многу брзо и смета дека она што Бугарија сега треба да го направи е да им остави доволно време на македонските институции да утврдат дали станува збор за злосторство од омраза или не.

Лорер се согласува со позицијата на македонскиот претседател Стево Пендаровски дека случајот во Бугарија се политизира и дека позицијата на „Продолжуваме со промената“ е нивно намалување.