Аман Али, не нè брани! – Пишува Роберт Димитриевски

„Јас сум бил, сум и секогаш ќе бидам ангажиран во одбрана на каузата на нашите сограѓани Македонци, нивниот идентитет, јазик и култура“.



Да го кажеше ова некој друг, а не Али Ахмети, можеби Македонците ќе му поверуваа. Ама Али?! Неверојатно! „Да чују, да не верују“, би рекле кумановци.

Освен што своевремено преку ноќ го промовираа во борец за човекови права (на Албанците), лидерот на ДУИ да ти бил загрижен и за македонската кауза, бе?! Ни повеќе, ни помалку.

Фино. Останува уште самиот да појасни кога ја бранел? Во 2001 година, кога терористичката ОНА што ја командуваше тој уби 75 припадници на македонските безбедносни сили и рани неколку пати по толку? Воен конфликт во кој настрадаа и цивили Македонци, од кои 12 се киднапирани/исчезнати, а околу 600 и ден-денес се водат како внатрешно раселени лица.

Да не зборуваме за ѕверството на неговите соборци кај Вејце, за тепањето и испишувањето со остар предмет врз грбовите на работниците на „Маврово“, за држењето на Куманово среде лето без вода. И тогаш ли Али ја бранеше каузата на Македонците?

Или можеби кога низ западниот дел од Македонија почнаа да никнуваат како печурки по дожд споменици на балистички соработници на фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, одговорни за злоставувањето и ликвидирањето на цивилното македонско население, но и на македонските партизани.

Каузата на Македонците ли ја бранеше Ахмети при промената на името на државата, за која гласаа и тој лично, и целата негова партија, иако дури и значителен број од неговите сонародници не беа ентузијасти за такво нешто, за што зборува одзивот од само 36,9 проценти на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година? Во интерес на Македонците ли е новата територијална реорганизација на земјата по претходниот референдум од 2004 година, со која Струга и Кичево од доминантно македонски станаа општини со мнозинство Албанци, Скопје двојазично, а ДУИ на Ахмети и тогаш беше во власта?

Идентитетот ли на своите сограѓани Македонци отсекогаш го бранел Али кога ги пишуваа коминикеата на ОНА, во кои ги именуваа како „Славомакедонци“ што окупирале албански територии? Или го одбрани со Преспанскиот договор, кој ги дефинира како нешто поинакво од нивните сонародници во Егејска Македонија?

Богами, и македонскиот јазик го „одбрани“ почесниов доктор на науки, откако со помош на неговиот пулен Артан Груби, со европско знаменце и наспроти укажувањата од цела армија експерти протуркаа двојазичност на целата територија на државата, дури и во средини во кои нема и никогаш не живеел ниту еден Албанец. Плус, го „одбрани“ Али јазикот на Македонците и со ратификацијата на договорот од Нивици, според кој таков се зборува само во границите на државава, небаре нивните сонародници надвор од неа зборуваат урду или свахили.

Ја бранел Ахмети и културата на „милите“ му комшии Македонци?! Веројатно мисли на тоа кога министер од ДУИ ќе додели средства за некое дете да испее „хвалоспев“ за УЧК или ќе дозволи фудбалски хулигани да дивеат во Македонскиот народен театар, а ќе „заборави“ да поддржи манифестација што ја негува македонската култура…

Конечно, вечниот лидер на партијата произлезена од организацијата составена од „убијци и криминалци“, според тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, си мисли дека ја брани македонската кауза со одењето на „бакни рака“ кај Рама и со исполнувањето моноетнички тирански платформи. Или кога втеруваат некадарници од ДУИ во јавната администрација врз основа на лажни, напумпани бројки од фаличен попис.

Море, не ќе да е до толку неопитен. Уште помалку наивен. Како што не се наивни ни тие на кои им нуди божем светла иднина со зборовите: „Овој фронт е помош што го забрзува нашиот пат кон ЕУ, кој мобилизира кон уставни измени. Овој фронт мора да работи и за нашите македонски сограѓани“.

Видоа Македонците како Ахмети ги „штити“ нивниот идентитет, јазик, култура и кауза сите овие 22 години откога не се симнува од македонската (политичка) сцена, па оттаму и нивната порака до него не може да биде друга освен: „Аман Али, не нè брани!“.