Ниту една југословенска или македонска влада во овие седум децении толку не ги ослабнала позициите на Скопје во однос на Софија како сегашнава

Тезата дека ние сме нација измислена од Коминтерната и од Јосип Броз Тито и дека Македонците постојат од 1945 година наваму – како продукт на една фалсификувана историја според софискиот живковизам, односно како продукт на „фрагментирана историја“ според тричковизмот на СДСМ – не е нова. Таа е константа во официјалната политика на Бугарија кон Македонија цели седум децении. Од периодот на Тодор Живков и на Цола Драгојчева па сè до денес, Бугарија ги оспорува самобитноста на македонската нација, нејзината историска генеза и македонскиот јазик.
Тоа секогаш било, а и сега е основата на спорот меѓу двете држави. Само политички аналфабети и луѓе без елементарно познавања на историјата веруваат дека Скопје и Софија спорат за правата на Бугарите во Македонија и дека притисокот од Софија и од бриселската бирократија Бугарите да бидат „запишани“ во македонскиот Устав е одлучувачко прашање за односите меѓу двете земји.
А гледам, се намножиле во Македонија политички аналфабети, а богами и опасни манипуланти…
Никој, на пример, не прашува зошто барањето Бугарите да бидат „запишани“ во македонскиот Устав – ако е веќе толку важно – не било ставено на маса пред потпишувањето на Договорот за добрососедство. Можно ли е Бојко Борисов и Зоран Заев едноставно да заборавиле на оваа важна тема?
Зошто никој од власта не сака отворено да каже дека не е можно Бугарите да станат дел од Преамбулата на македонскиот Устав, ако претходно не го прифатат нејзиниот наратив за создавањето на македонската држава. Бугарите од Бугарија и „незапишаните во Уставот“ Бугари што живеат во Македонија се во директен конфликт со тој наратив – тие не ја прифаќаат Крушевската република како дел од македонска историја, не ги прифаќаат одлуките на АСНОМ, не ги прифатат Македонија, македонската нација и македонскиот јазик како феномени со своја генеза во историски контекст, надвор од официјалната доктрина на бугарската историографија.
Тоа што Пендаровски (последен, но секако не и прв) вели дека нема ништо против Бугарите да бидат „додадени“ на списокот народи во Преамбулата, тоа е – како мали Ѓокица замишља Устав!
Наместо да отворат дебата со колегите од Бугарија и со бирократите од Брисел за потезите што треба да ги повлече официјална Софија во врска со начинот како да се уреди статусот на Бугарите во македонскиот конститутивен акт – а клучниот потег во таа насока мора да биде официјално признавање на самобитноста и на историската генеза на македонската нација од страна на Бугарија – македонските политичари од власта, од Зоран Заев и Димитар Ковачевски, преку Стево Пендаровски до Бујар Османи и Бојан Маричиќ, ги подигнаа очекувањата на Софија со идејата Бугарите едноставно да бидат „допишани“ на списокот народи.
И наместо на граѓаните на оваа напатена земја отворено да им кажат дека со ова прашање спорот со Бугарија не завршува, тие безочно ги лажат дека уште еден „компромис“ што нема многу да болел ќе бил доволен преговорите со ЕУ да продолжат, Скопје и Софија да се збратимат и да почне да тече мед и млеко.
Ете, така дојдовме до новото бугарско вето. Инцидентот во Охрид е само casus belli.
Беше прашање на ден кога владата во Софија ќе ни соопшти дека владата во Скопје нè лаже и дека преговорите меѓу Македонија и ЕУ никогаш и не почнале.
Така дојде до ова драматично заострување на односите меѓу двете држави, најопасно во овие седум децении.
Целиот текст на Бранко Геровски на следниот линк:





